Прејди на содржината

Андроник III Палеолог

Од Википедија — слободната енциклопедија
Андроник III Палеолог
Ανδρόνικος Γʹ Παλαιολόγος
Император на Источното римско царство
Андроник III Палеолог на цртеж на минијатура од XIV век. Штутгарт, Вуртембершка Државна библиотека.
Византиски император
На престол1328 - 15 јуни 1341
ПретходникАндроник II Палеолог
НаследникЈован V Палеолог
Роден(а)25 март 1297
Цариград
Починал(а)15 јуни 1341
Цариград
СопружникАделхајд фон Брауншвајг
Ана Савојска
ДецаИрина (вонбрачна)
Јован V Палеолог
Михаил Палеолог
Марија-Ирина Палеологина
Марија Палеологина
ДинастијаПалеолози
ТаткоМихаил IX Палеолог
МајкаРита Ерменска

Андроник III Палеолог (грчки: Ανδρόνικος Γʹ Παλαιολόγος, 25 март 1297 - 15 јуни 1341) бил византиски император од династијата Палеолози кој владеел од 1328 до 1341 година. Тој бил син на Михаил IV Палеолог и Рита Ерменска. Тој бил прогласен за совладетел во неговата младост. пред 1313г., и во април 1321 тој се побунил против неговиот дедо, Андроник II Палеолог. Тој бил формално крунисан како совладетел во февруари 1325 година, за потоа да го собори неговиот дедо целосно и да стане самостоен владетел на 24 мај 1328 година.

Претходен живот

Соперништвото со дедо му Андроник II

Опаѓањето на византиската држава се манифестирало низ тешки немири. Судириот меѓу стариот и младиот Андроник бил прв во редицата долги внатрешни борби. Со него почнала епохата на речиси непрекинатите граѓански војни кои на Царството ќе му ги одземата последните сили и ќе го расчистат патот за турската и српската експанзија. Расколот во царскотото семејство кој за несреќа на Византија се изродил во граѓанска војна во основата бил од лична природа. Андроник III, синот на Михаил IX, убавиот и надарен младич, некогаш му бил љубимец на стариот цар. Уште во времето тој бил прогласен за цар-совладетел и бил сметан за втор престолонаследник по својот татко којшто бил прв. Меѓутоа, со времето настапило взаемно заладување. Стариот цар тешко се помирувал со лекомислениот живот на младиот Андроник, а тој се потешко го поднесувал татковото и дедовото туторство. Трагичниот крај на една љубовна авантура на Андроник го забрзал раскинот. Трагајќи по некој соперник на својот господар, луѓето на Андроник по грешка го убиле неговиот брат, деспотот Мануил. Веста за оваа несреќа ја забрзала смртта на тешко болниот Михаил IX (1320г.), а стариот цар, огорчен и лут, на Андроник му го одзел наследството на престолот.[1]

Меѓутоа, Андроник III имал многу приврзаници, особено меѓу помладите византиски дворјани и против стариот цар се создала моќна опозиција. Нејзини водачи биле Јован Кантакузин, млад византиски магнат, најдобар пријател на Андроник, и надарениот авантурист Сиргијан, којшто по татко бил од куманско потекло, а по мајчината лоза бил роднина на царското семејство. Значајна улога во заговорот одиграле, исто така, аристократот Теодор Синадин и амбициозниот дојденец Алексиј Апокавк, коишто држеле важни позиции во Тракија и во Македонија. Сиргијан и Кантакузин покрај извесното обештетување, исто така, за управување добиле некои окрузи во Тракија. Продавањето на должностите било многу распространето во државата на Палеолозите. Со тоа, се чини, се занимавал дури и просветниот голем логотет Теодор Митохит. Овојпат тоа опасно и се одмаздило на цариградската влада бидејќи Сиргијан и Кантакузин откупените окрузи ги употребиле како база за организирање на борбата. Искористувајќи го незадоволството кое поради големите давачки владеело во Тракија, византиската аристократија успеала да предизвика силно движење против цариградската влада. На Велигден во 1321г., Андроник III ја напуштил престолнината и и се придружил на војската којашто неговите пријатели ја собрале околу Едрене. Во борбата што претстоела тој бил во многу поповолна позиција отколку стариот цар чијашто влада на Царството му донесла многу загуби и неволји. Притиснат од финансиските тешкотии, Андроник II бил присилен да преземе мерки на строго штедење, што никогаш не придонесува за популарноста на царот. Напротив, Андроник III немал никаква одговорност. Тој можел да дава најпривлечни ветувања, да презема секакви демагошки мерки и на своите приврзаници широкоградно да им дели поседи и привилегии. Тракија, како што верува, целосно ја ослободил од данок. А тоа повеќе влијаело на исходот на граѓанската војна отколку односот на воените сили на противникот. Тракиското население му се придружило на младиот дарежлив цар и кога неговата војска под водството на Сиргијан тргнала на Цариград, стариот цар побрзал да склучи мир плашејќи се од бунт во престолнината.[2]

Андроник III ја добил цела Тракија и извесни територии во Македонија, коишто веќе им ги поделил на своите приврзаници, останатиот дел од територијата и самата престолнина ја задржал Андроник II. Така сепак дошло до поделба на Царството за што до неодамна Византијците не сакале ни да слушнат. За да се одржи единството на државата барем спрема надворешниот свет, Андроник II за себе го запазил правото да преговара со странските сили. Меѓутоа, тоа не потрајало долго и наскоро секој цар почнал да води своја надворешна политика, којашто не се совпаѓала со политиката на другиот, па дури и директно била насочувана против него. Впрочем, состојбата на мир не траела долго. Веќе во 1322г. одново избувнала војна. Во лагерот на младиот Андроник дошло до несогласувања предизвикани, во крајна линија, од соперништвото меѓу големиот дукс Сиргијан и големиот доместик Кантакузин. Бидејќи Андроник III застанал на страната на својот пријател Кантакузин, Сиргијан, којшто дотогаш бил главен водач на целиот потфат, му се придружил на стариот цар и во негова служба сега го преземал водството во борбата против својот неодамнешен закрилник и господар. Откако повеќе градови во близина на престолнината го прифатиле него, Андроник II одново попуштил и била постигната спогодба спред поранешните услови. Потоа подолго време владеел мир. На 2 февруари 1325г. Андроник III дури бил крунисан за цар и совладетел на својот дедо.[3]

Меѓутоа, во февруари 1327г. по третпат меѓу стариот и младиот цар избувнала отворена војна. Во внатрешните борби на Византијците сега се вмешале и балканските држави. Андроник II, благодарение на своите стари врски со српската династија, склучил сојуз со Стефан Дечански, Андроник III се спогодил со бугарскиот цар Михаил Шишман кој откако ја избркал сестрата на српскиот крал, се оженил со вдовицата на својот претходник, со Теодора - сестрата на младиот Андроник III, зошто незавидната состојба ги зголемувала незадоволството, а според тоа и бројот на приврзаниците на младиот цар, којшто не ги штедел ветувањата. Акцијата којашто ја презеле приврзаниците на Андроник II во Македонија пропаднала уште пред да успее да и се придружи српскиот крал. Целата византиска Македонија и самиот Солун му се потчиниле на младиот Андроник. Доверувајќи му го командувањето со војската којашто веќе ги зазела позициите во близината на Цариград на Синадин, Андроник II во придружба на Јован Кантакузин, дошол во Солун каде што било свечено дочекан како цар (јануари 1328г.). Во самата престолнина нараснувала опозицијата и Андроник II веќе размислувал да ги обнови преговорите за мир но одненадеж бугарскиот цар го променил ставот и во Цариград испратил еден бугарско-татарски одред. Тоа го охрабрило стариот цар, но го потсилило Андроник III да ја забрза одлуката. со убедувања и закани го натерал бугарскиот цар да ги повлече испратените трупи и истовремено стапил во преговори со своите приврзаници во престолнината. На 24 мај 1328г. Андроник III влегол во Цариград и ја презел власта. Својот дедо го принудил на абдикација, но го оставил да живее на дворот. Дури две години подоцна, кога Андроник II се разболел, неговите приврзаници го затвориле стариот цар во манастир, каде што и умрел на 13 февруари 1332г., како монах Аитониј.[4]

Внатрешна политика

Општи карактеристики

Со Андроник III на власт дошла нова генерација чијшто најистакнат претставник бил Јован Кантакузин. Вистинскиот водач во граѓанската војна во последните години, Кантакузин во свои раце ја зел државната управа. Со државничките способности тој значително ги надминал сите свои современици, па и храбриот и непостојан цар. Андроник пожртвувано и не без успех ги водел војните, но правец на државната политика и давал Кантакузин. Периодот на демагошките ветувања изминал. Преземајќи ја власта и одговорноста, Андроник III и Кантакузин значително се придружувале кон мерките на претходната влада. Разбирливо, многу последици од граѓанските војни не можеле веќе да се отстранат. Финансиските тешкотии уште повеќе се зголемиле и вредноста на перперата во времето на внатрешните борби одново паднала.[5]

Правосудство

Уште Андроник II настојувал да спроведе реформа на византиското судство. За да се отстрани легендарната подмитливост на византиските судови, во 1296г. во Цариград бил конституиран врховен суд од дванаесет судии од редовите на вишите претставници на клерот и од државните достоинственици од сенаторски ранг. Меѓутоа, резултатот бил негативен. Наместо да го обезбеди правилното функционирање на правосудството, новоформираниот врховен суд наскоро се компромитирал и морал да престане да работи. Поради тоа Андроник III во 1329г. основал нов судски колегиум од само четири членови, двајца духовни и двајца световни. Овие четворица "генерални судии на Ромеите" добиле многу широки компетенции со задача да вршат надгледување над судството во целото Царство. Нивните пресуди биле конечни и неотповикливи. Навистина, и Андроник III со своите генерални судии доживеал горчливо разочарување. Од четворицата, поради примање мито, тројца уште во 1337г. биле сменети и депортирани. Сепак, институцијата генерални судии се одржала и постоела се до пропаѓањето на Царството, иако со текот на времето, од практични причини, доживеала одредени измени. Бидејќи на судските расправи во внатрешноста не можеле секогаш да присуствуваат сите четворица генерални судии, се застанало на гледиштето дека била доволна одлуката на еден од нив дадена во името на целиот колегиум. Со слабеењето на врските меѓу одделни делови на Цаството, што од средината на XIV век се повеќе се манифестирало, премногу децентрализираниот систем на судството морал да доживее натамошни измени и да му отстапи место на поеластичен поредок. Покрај генералните судии на Ромеите во Цариград, се јавиле и таканаречените локални генерални судии. Подоцна се среќаваат посебни генерални судии во Солун, во Мореја, на Лемнос. За доцновизантиската судска организација бил карактеристичниот и силниот удел на клерот во државното судство. Влијанието на црквата врз правниот живот било дотолку поголемо што покрај царскиот суд на генералните судии, од кои по правило двајца му припаѓале на клерот, постоел и духовен суд при патријаршијата, којшто дејствувал паралелно со царскиот, го дополнувал, понекогаш и му конкурирал, а во период на криза можел и да го заменува.[6]

Наводи

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 603-604.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 604-605.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 605-606.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 607-608.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 608.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 608-609.