Европска јагула
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Европска јагула | |
---|---|
Научна класификација [ у ] | |
Царство: | Животни |
Тип: | Хордови |
Класа: | Зракоперки |
Ред: | Јагуловидни |
Семејство: | Јагули |
Род: | Јагула |
Вид: | Европска јагула |
Научен назив | |
Anguilla anguilla (Linnaeus, 1758) | |
Распространетост на европската јагула | |
Синоними | |
Muraena anguilla Linnaeus, 1758 |
Европска јагула (науч. Anguilla anguilla) — вид риба од семејството на јагулите (Anguillidae) која ги населува водите од езерата и реките кои му припаѓаат на јадранскиот слив, припаѓа кон семејствота европски јагули, една од 16 видови слатководни од поширокото смејство на 400 видови, главно морски змиести риби обединети под ова име.
Опис и распространетост
[уреди | уреди извор]Јагулата припаѓа на семејствота Anguillidae. Телото има змијолик облик кое во задниот дел (после аналниот отвор) странично е сплескано. Иако е покриено е со голем број ситни лушпи поради тоа што кожата е доста лигава лушпите и не се приметуваат. Бојата на телото варира и е различна во зависност од подлогата. Најчесто грбот е темнокафеав, маслинесто зелено кафеав а понекогаш и маслинестосив, дури бронзен. Бојата на јагулата се менуваат во сребренесто бела до синкасто металносива во периодот кога ќе тргне на познатиот свадбен пат. Стомакот и е обично жолтеникав или жолтеникаво бел. Главата е сплескана, устата крајна, релативно голема. Устата на јагулата е обрабена со повеќе реда ситни остри заби. Јагулаат има голема перка која го обрабува телото и започнува после првата четвтина од должината на телото и завршува зад аналниот отвор. Јагулата има еден пар мали градни перки пред кои се жабрените отвори. Распространета е речиси во сите води во Р Македонија.[3]
Историјат
[уреди | уреди извор]Според некои процени јагулите настанале уште во периодот од пред 140-65 милиони години што на некој начин еволуциски ги прави современици на диносаурусите. Оваа јагула ги населува сите природни воодотеци што се поврзани со морето, а кои не се преградени со природни или вештачки пречки. Долгото плоскаво тело може да достигне должина од 200 см. и тежина од 6 кг. Ова се максималните вредности, кои важат само за женските примероци, додека машките се значително помали и достигнуваат максимум 50 см. должина и тежина од 200 г.[4]
Телото е покриено со мали, речиси невидливи лушпи под кои се наоѓа развиен систем од капилари за апсорбирање кислород од воздухот и од водата, која го потпомага дишењето преку жабрите. Во вода 15% од кислородот се внесува преку овој систем, а надвор од неа дури 50% од кислородот се апсорбира преку кожата. Ова им помага да поминат некои помали растојанија по копно, за време на нивните долги и мистериозни патувања. Обликот на телото ја вбројува јагулата како еден од послабите пливачи меѓу рибите, иако тие во вода можат да постигнат завидни 35 км на час. Најмногу се осетливи на температура, потреси, а имаат и извонредно развиен осет за мирис и широки носни празнини, додека видот им е послабо развиен. Според некои истражувачи овие грабливи риби, освен што се хранат во вода, при посебни околности можат да излезат и надвор од неа и таму да го побараат својот оброк во некој полжав, црв или растение.[4]
Основни биолошки одлики
[уреди | уреди извор]Јагулата живее во слатките води, а се размножува во солените води. Пред да тргнат на познатиот свадбен пат кој е долг 5.000 до 7.000 км. заради мрестење, кај јагулата се случуваат значителни анатомски, морфолошки и физиолошки промени. Дигестивните органи започнуваат да се редуцираат до конечно исчезнување, бидејќи јагулите повеќе не се хранат. Јагулите се мрестат во пролет, во периодот февруари - април, во Саргасово Море, во северниот дел на Атлантски Океан помеѓу 20 и 30о северна географска ширина и 50 и 60о западна географска должина на длабочина од околу 400 метри па и повеќе, при температура на водата 20 - 27°С и соленост на водата од 36 - 37%о. Плодноста на женките е голема, (до 1 милион јајца- со пречник до 1 мм). После мрестењето машките и женските единки угинуваат. Од икрите се излупуваат ларвите кои имаат форма на лист од маслина, односно врба.[3]
Растење и развој
[уреди | уреди извор]Растење и развојот на јагулата е доста специфичен проследен со многу анатомски и морфолошки промени. Ларвите при излегувањето од лушпата на јајцето имаат должина од околу 5 мм. Во третата година, носени од Голфската струја, пристигнуваат до бреговите на Северна Африка и Европа. Должината на јагулата кога доспева до Европскиот брег е околу 65 мм. Во четвртата, односни петтата година се приближуваат до брегот на морето каде се вливаат реките. До овој период телото на јагулата е стаклесто и прозирно поради што и се вика стаклеста јагула. При влегување во слатките води бојата на телото се менува, од горната страна потемнува, а стомачниот дел станува жолтеникавобел. Во оваа фаза достигнува должина од 16 до 18 см. Во притоките на поголемите реки во овој период малите јагули интензивно и масовно се ловат заради вештачко порибување на копнените води или пак за аквакултура. Во слатките води јагулите остануват 5-14 години (машките), односно 7-18 години (женските единки). За повторно враќање на јагулата на местото за мрестење во Саргасовото Море потребни и се околу 2 до 3 годин. Јагулата живее околу 20 години и повеќе. Постои голема разлика помеѓу максималните димензии кои ги достигнуваат машките и женските примероци: мажјаците растат до половина метар и 200 гр., а женките до 2 метри и 6 килограми. Јагулата живее и се движи по дното. Денот го поминува во некоја дупка, под камен или закопана во тиња, а ноќе излегува во потрага по храна. Често се задржува во крајбрежниот појас помеѓу камења или растенијата. Се храни најчесто со црви и други водени животни (ракови риби и др.).[3]
Активност
[уреди | уреди извор]Активни се само ноќе, а преку денот се вклопуваат во тиња на дното. Таму ја поминуваат и зимата, притоа воопшто без храна. Како и другите риби што живеат во близина на дното, тие меѓусебно комуницираат со електрични импулси, кои освен тоа служат и за опоменување на непријателот. Богатството на белковина и особено масти според хранливоста ги издвојува јагулите од другите риби. Месото на јагулата може да содржи повеќе масти дури и од свинското месо. И покрај сите овие специфичности според кои веќе можеме да кажеме дека се работи за навистина необичен вид, најголемо чудо во врска со нивната егзистенција, со сè уште многу неодговорени прашања, е нивниот развој и миграција поврзани се со нивниот репродуктивен циклус.[4]
Развој
[уреди | уреди извор]Развојот на сите видови јагули од оваа европска група е ист. Во десеттата година женките, а во дванаесеттата мажјаците достигнуваат полова зрелост. Кога ќе се случи ова во текот на пролетните и летните месеци јагулата почнува интензивно да се храни со сè што може да улови, складирајќи резерви и зголемувајќи ја својата маса за 6% притоа менувајќи ја бојата. Тоа е само почеток на трансформациите. Очите се зголемуваат заедно со другите промени на главата на рибата. Потоа јагулите престануваат да се хранат, а дигестивниот систем целосно се им атрофира за сметка на половите органи, кои тогаш почнуваат и многу брзо се развиваат. Некои типови, благодарение на метаморфозата можат да гладуваат и до три години пред полово да созреат. Сите овие промени се подготовки за големата миграција што претстои. Метаморфозата завршува есента и јагулите го чекаат почетокот на дождовната сезона, која заедно со температурните промени се знаците што ги чекаат собрани во огромни групи излезени од реките. Патувањето почнува низ течението на реките исклучиво ноќно време, неретко проследено со силни бури, обилни дождови и без месечина.[4]
Бранувањето, секакви видови потреси на кои се исклучително чувствителни им помагаат во ориентација на почетокот. Групирани во топчести јата тие заради сигурност се држат на блиско растојание од брегот движејќи се исклучиво по десната страна на реките. Кога пристигнуваат до морето ним им се придружуваат мажјаците, кои групирани чекаат во делтите и крајбрежните подрачја. Всушност, сите примероци, кои поголемиот дел од својот живот го поминуваат во слатките води на езерата и реките, се исклучиво женки. Оттаму јагулите тргнуваат кон своите мрестилишта. Сите јагули од Европа, Персискиот Залив, северниот и западниот Африкански Брег се мрестат во Саргасово Море, меѓу Бермуските Острови и Порторико. Искористувајќи ги морските струи и сопственото движење, патувањето на европската јагула до мрестилиштета трае повеќе од една година.
Тука женките ја полагаат икрата на голема длабочина, од 500-1.000 метри, по што мажјаците ги оплодуваат милионите јајца што слободно пливаат. По ова возрасните јагули угинуваат од исцрпеност завршувајќи ја својата мисија. Флотирачките јајца постепено се издигнуваат на површината изведувајќи се во ларви. Воедно, со развојот почнува и нивното хоризонтално движење препуштено на морските струи и нивниот пат назад. Патувањето трае три години, време за кое ларвите доживуваат маетаморфоза во неколку за да стигнат до делтите на реките во форма на сталкести јагули. Тука настанува пофторна метаморфоза и нивно развивање во млади јагулчиња. Уште една значајна и мистериозна промена настанува во оваа точка на нивниот развој. До овој момент на нивниот развој јагулите се половно недефинирани и хемрафродитни.[4]
Оние единки што се предиспонирани да станат женки го почнуваат својот пат во реките и слатките води. Кај нив настанува промена на бубрезите за да можат да го продолжат животот во слатките води и нараснуваат со поголеми димензии од мажјаците, кои остануваат во делтите. Најинтересен е половиот диморфизам на јагулите определен од надворешни услови, односно од солената вода. Дури и полово диференцираните единки кога ќе ја променат средината го менуваат полот. Женките вратени во солена вода стануваат мажјаци и обратно, во солена вода стануваат мажјаци и обратно, што е експериментално потврдено. Враќањето спротивно од текот на реките е спектакуларно. Милиони јагули се движат во густа темна маса долга и по неколку километри, но спротивно од заминувањето на нивните родители, ја држат исклучиво левата страна на реката.[4]
Нарушеност на природен тек
[уреди | уреди извор]За време на изградбата и неколку години по изградбата на браните Шпилје и Глобочица, вработените се сеќаваат на густи црни маси јагули, кои се собирале пред браните барајќи сигурен премин. Со тоа јагулите се претворени во еден вид аквариумска риба без природниот систем на самообновување, која и покрај порибувањето константно го намалува својот број. Сè уште не е разјаснет компликуваниот механизам на наследување на информациите од возрасните единки кон младите ембриони оставени во Саргасово Море, кои во нормални услови го пронаоѓаат точниот пат назад до регионите, реките и езерата од кои потекнуваат нивните родители. Се претпоставува дека информациите се пренесуваат преку мирисите собрани од возрасните единки за време на нивното патување, и впишување во латентната меморија на сè уште неразвиените ларви.[4]
Јагулата како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Трите јагули“ (српски: Три јегуље) — српска народна приказна.[5][6]
- „И риба и девојка“ — кус расказ на македонската писателка Билјана Ѓонеска.[7]
- „Повторливата смрт на превртливата јагула“ — кус расказ на Билјана Ѓонеска.[8]
Значење
[уреди | уреди извор]Месото на јагулата е вкусно, мрсно, нема ситни коски и е многу барано на пазарот. Јагулата е ценета риба кај рекреативните риболовци. Има големо стопанско значење.[3]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Основни информации за јагулата Архивирано на 24 јануари 2011 г.
- „Мистеријата на јагулите“, документарец на англиски јазик
- „Проблемот со македонската јагула“, новинарски извештај[мртва врска]
- Adhurime Dauti "The Economic Development Against the Natural Life of the Eel", 2008, p. 195-201
- „По трагите на јагулите“, македонски документарен филм од 1958
- Видео за охридската јагула и идеја за решавање на проблемот[мртва врска]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Pike, C.; Crook, V.; Gollock, M. (2020). „Anguilla anguilla“. Црвен список на загрозени видови. 2020: e.T60344A152845178. doi:10.2305/IUCN.UK.2020-2.RLTS.T60344A152845178.en. Посетено на 19 ноември 2021.
- ↑ „Appendices | CITES“. cites.org. Посетено на 14 јануари 2022.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Службен весник на Р.М. бр.145 2011 година
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Мишо Христовски, Драган Ангеловски, „Проблемот со македонската јагула“, Национален форум за заштита на животните на Македонија, Скопје, 1999.
- ↑ Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 93-96.
- ↑ Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 177-180.
- ↑ Очудувања 3. Скопје: Бегемот, 2019, стр. 67-71.
- ↑ Очудувања 1-2. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 88-92.