Биатлонот за првпат бил уклучен во олимписката програма на Зимските олимписки игри 1960 во Сква Вали каде била одржана трката на 20 км поединечно за мажи. На игрите во 1968 во Гренобл, била воведена машката штафетна трка 4×7.5 км, а на игрите во 1980 бил воведен спринтот од 10 км за мажи. Почнувајќи од Зимските олимписки игри 1992 во Албертвил, на програмата биле воведени женски дисциплини, т.е трката на 15 км поединечно, штафетната трка 3×7.5 км (4×7.5 км во периодот 1994-2002, и 4×6 км во 2006), и 7.5 км спринт. Дисциплината потера (12.5 км за мажи и 10 км за жени) била вклучена во програмата на игрите во 2002 во Солт Лејк Сити. Првопласираните шеесет натпреварувачи од спринтот (10 км за мажи и 7.5 км за жени) се квалификуваат за спринтот. Победникот на спринтот, прв ја започнува потерата, следен по останатите кои завршиле зад првопласираниот со соодветните временски интервали. На игрите во 2006 во Торино, била воведена дисциплината масовен старт (15 км за мажи и 12.5 км за жени) во која заедно се натпреваруваат најдобрите 30 биатлонци од претходните четири дисциплини.
Пред дебито на биатлонот на Зимските олимписки игри 1960, постоела дисциплина воена патрола која се одржала на четири зимски олимпијади: 1924, 1928, 1936, и 1948 година. Медали биле доделени само во 1924 година, бидејќи на следните три олимпијади дисциплината била показна.