Дрвото на животот (филм од 2011)
Дрвото на животот (англиски: The Tree of Life) - американски филм од 2011 година, во режија на Теренс Малик, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Бред Пит, Шон Пен, Џесика Честејн, Хантер Мек Крекен, Фиона Шо итн.[1] Филмот постигнал голем успех кај филмската критика, освојувајќи дури 117 награди, меѓу кои и „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал.[2]
Синопсис
[уреди | уреди извор]Во филмот се прикажува животот на семејството О’Браен во Тексас, во текот на 1950-тите. На почетокот од филмот, таткото (го игра Пит) и мајката (ја игра Честејн) посебно дознаваат за смртта на нивниот 19-годишен син и тој настан предизвикува кошмар во нивниот живот. Потоа, дејствието се префрла во сегашноста, прикажувајќи го најстариот син Џек (го игра Пен), кој е успешен архитект. Тој започнува да се сеќава на детството и на младоста. Притоа, младиот Џек (го игра Мек Крекен) расте во сенката на авторитативниот татко, кој упорно настојува да ги направи своите синови силни, сметајќи дека тоа е услов за успех во животот. По смртта на еден негов другар, адолесцентот Џек го менува односот кон родителите и почнува отворено да им се спротивставува, а за време на службеното патување на татко му, Џек покажува знаци на агресивно однесување. Подоцна, татко му останува без работа и семејството мора да се пресели. Дури тогаш, таткото го преиспитува своето однесување и му се извинува на Џек за грубостите. На крајот од филмот, возрасниот Џек има визија во која на еден песочен брег ги среќава сите луѓе кои познавал во животот, вклучувајќи го и умрениот брат кој потоа заминува на небото.