Прејди на содржината

Психо

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Психо“
РежисерАлфред Хичкок
ПродуцентАлфред Хичкок
Главни улогиЕнтони Перкинс
Вера Мајлс
Џон Гавин
Мартин Балзам
Џон МекИнтире
Џенет Ли
МузикаБернард Херман
КинематографијаЏон Л. Рузел
МонтажаЏорџ Томасини
СтудиоShamley Productions
ДистрибутерParamount Pictures
Премиерајуни 16, 1960
Времетраење109 минути
Земја САД
Јазиканглиски
Буџет$806,947
Бруто заработка$592.6 милиони

Психоамерикански трилер/хорор-филм; еден од најпознатите на британскиот режисер Алфред Хичкок. Снимен е во црно-бела техника според истоимената новела на Роберт Блок од 1959 во која се опишува животот на Ед Генубиецот од Висконсин. Улогите во оригиналниот филм ги толкуваат Џенет Ли, Ентони Перкинс, Мартин Балзам, Џон Гавин, Вера Мајлс и Сајмон Оукленд.

Филмот на Хичкок се смета за еден од најзначајните филмови на сите времиња и котира високо во речиси сите списоци за најдобри филмови. Причина за ова се влијанијата од европскиот уметнички филм што Хичкок ги внесува во приказната, камерата и монтажата, притоа внесувајќи графички нудизам и насилство до претходно невиден степен во Холивуд. „Сцената под тушот“ денес е икона во рамките на поп-културата и според многумина, претставува предвесник на слешер филмовите што ќе процветаат во текот на ’70-те.

Оригиналниот Психо има три продолженија со многу послаб успех (во 1983, 1986 и 1990) од кои последното е наменето за телевизијата. Ентони Перкинс ја повторува својата улога како Норман Бејтс во секој од овие филмови. Во 1998 година, Гус ван Сант го режира римејкот за кој добива две Златни Малини, награди за најлош римејк и за најлош режисер.

Мерион Крејн (Џенет Ли), вработена во агенција за недвижности во Феникс зема 40.000 долари од клиент и наместо да ги пријави во банка, со своето возило се упатува кон куќата на својот љубовник Сем Лумис (Џон Гавин) во Фервеил, Калифорнија сакајќи да му помогне во финансиските проблеми наследени од татко му и од бракот, како и во бизнисот. Сем Лумис е разведен, живее и работи во Фервеил, Калифорнија и поседува дуќан за градинарски алат и земјоделска аптека. Патот од Феникс до Калифорнија и се чини премногу долг, со оглед на тоа дека е прилично вознемирена и возбудена со толкава сума пари покрај себе. Има чувство дека секој присутен наоколу ја следи во чекор. Затоа патем малку запира да се одмори. Истовремено решава да го промени возилото, но психолошките трауми се сè поголеми и вечерта после долго и напорно возење по дожд, скршнува од главниот пат барајќи изолирано место за ноќевање, најпосле запирајќи пред мотелот на Норман Бејтс (Ентони Перкинс).

Норман Бејтс и нуди вечера на Мерион, раскажувајќи и дека живее со својата болна мајка (Норма Бејтс), дека животот и не му е така досаден затоа што ги води работите околу мотелот без оглед што нема многу посетители како порано од причина што сега тука доаѓаат ”само луѓе што згрешиле” бидејќи новиот автопат го заобиколува неговиот мотел. Нагласува и тоа дека големо хоби му е да препарира птици со скапи хемиски средства.

Мерион се запишува под лажно име во книгата за гости во мотелот, се сместува во собата број 1, Норман низ пукнатина во ѕидот љубопитно го следи секое нејзино движење. Размислувајќи да се врати во Феникс и да ги врати украдените 40.000 долари, Мерион влегува во бањата да се истушира. Во тој момент во бањата влегува непозната ”сенка” и со кујнски нож го масакрира телото на Мерион. Набрзо Норман влегува во собата на Мерион, се згрозува од приодот кој го наоѓа и се труди да ги исчисти сите траги. Ја става масакрираната Мерион во багажот од нејзиниот автомобил, а несвесно и украдените 40.000 долари (за кои и воопшто и не знае). Автомобилот го потонува во едно мочуриште во близина.

Лила Крејн (Вера Мајлс) е загрижена за тоа што веќе 4 дена нема трага од сестра ѝ Мерион. Таа оди во дуќанот на Сем Лумис за да праша што се случува со сестра ѝ. Истовремено во дуќанот влегува и Милтон Арбогаст (Мартин Балзам) приватен детектив, ангажиран од агенцијата за да ја пронајде Мерион и украдените 40.000 долари. Арбогаст доаѓа до мотелот на Норман, го препознава ракописот на Мерион во книгата на гостите, но од Норман добива информации дека Мерион дошла доцна вечерта и дека следниот ден рано си заминала. Арбогаст инсистира на разговор со Норма, но Норман го одбива. Додека Норман ја менува постелнината во собите од мотелот, Арбогаст кришум оди во куќата зад мотелот. Влегувајќи во куќата, непозната ”сенка облечена како жена” со кујнски нож го масакрира телото на Арбогаст. Влегувајќи дома Норман се згрозува од мртвото тело на Арбогаст, ги чисти сите траги и, како и со Мерион сосе возило го потонува во истото мочуриште мртвото тело на Арбогаст.

Згрозен од злосторот, Норман во расправија со својата мајка инсистира да се скријат во подрумот од куќата за никој да не може да ги пронајде. Мајка му го одбива но Норман сепак ја носи во подрумот од куќата и против нејзината волја. Истовремено Лила и Сем нестрпливо чекаат повик од Арбогаст кој претходно им јави дека сепак наишол на некаква трага од Мерион.

Во чудните случувања во мотелот не може да поверува ниту локалниот шериф Ал Чемберс (Џон МекИнтаја). Тој е убеден дека Норман живее сам, дека мајка му е почината 10 години наназад и дека нема некој да оди да зборува со мајка му на Норман кога таа не е жива. Но Лила и Сем се поупорни, одат во мотелот на Норман и бараат сместување. Во собата во која претпоставуваат дека била сместена Мерион наоѓаат трага од хартии на кои пишувала лично Мерион. Норман покажува знаци на нервоза на провокативните прашања на Сем, додека истовремено Лила оди во куќата да ја пронајде Норма и поразговара со неа. Додека ја прегледува куќата во подрумот наидува на неуспешно препариран женски лик и почнува да вришти. Истовремено во подрумот влегува непозната фигура и со кујнски нож се обидува да ја масакрира Лила, но за среќа во последен момент наидува Сем и ја спасува Лила. Се доаѓа до констатација дека Норман е таа непозната сенка која извршила масакр над Мерион и Арбогаст преобразувајќи се како жена користејќи гардероба од неговата покојна мајка.

Полициската истрага како и психолошката анализа на Д-р Фред Ричмонд (Сајмон Оукленд) покажала дека Норман, по смртта на својот татко откако мајка му пронашла нов партнер, љубоморно ги убил двајцата (ги отрул со стрихнин), а набргу мајка му ја извадил од гробот и се обидел да ја препарира со средствата кои ги користел за своето хоби. Од мочуриштето во близина, полицијата ги извлекува двете возила во кои се масакрираните тела на Мерион и Арбогаст. Во автомобилот на Мерион сè уште ги има 40.000-те долари.

За филмот

[уреди | уреди извор]
Мотелот и куќата на Норман Бејтс во Универзал Студиото во Холивуд, како и оригиналното возило на Мерион Крејн

На 33-тите награди за Оскар одржани во април 1961 година, покрај 4 номинации (за режија, споредна женска улога, црно-бела кинематографија и црно-бела декорација на сцена), филмот не добил ниту една награда! И покрај првичната не многу поволна оценка на критичарите (сепак ова бил прв филм од ваков карактер снимен на американска територија), публиката масовно го прифатила и ги полнела кино салите, остварувајќи огромна добивка за тоа време од 24.000.000 продадени билети во САД и Канада за период од 12 месеци од Јуни 1960 до Мај 1961 година, а во период Јули-Септември 1960 бил 11 недели по ред најбаран билет за кино салите(*), период во кој остварувал неверојатна добивка од 1.000.000 долари неделно.

(*) Овој рекорд ќе биде срушен од филмот Кум на Френсис Форд Копола дури во 1972 година.

Дејствието е снимено во специјално за таа намена изградена барака и куќа на брдото на Универзал Студиото во Холивуд, која и ден денес постои со оригиналните возила употребени во филмот, каде секојдневно илјадници туристи си ги проверуваат евентуалните глумечки квалитети. Статистиката покажала дека секој 8-ми посетител на Холивуд е дојден да го види и почувствува ”филмот во живо”.

Како во секој од своите филмови, Алфред Хичкок има свој камео. Во филмот го има како статист, во сцената кога Марион се враќа на работа, тој стои со неколкумина други на тротоарот пред вратата од нејзината канцеларија.

Убавицата на Канзас, Вера Мајлс, во следните филмски улоги нема да го повтори успехот и славата од Психо, па набргу се повлекува од големите филмски проекти и игра помали улоги во ТВ серии. Живее мирен живот далеку од очите на јавноста и новинарите во Лос Анџелес во Калифорнија. За својата улога во Психо платена е со хонорар од 10.000 долари.

Надворешно врски

[уреди | уреди извор]