Александар Станковски
Александар Станковски | ||
Роден | 26 јануари 1959 Кичево, Република Македонија | |
---|---|---|
Националност | Македонец | |
Познат | циклус Тајни вечери (1990-1991) | |
Занимање | ликовен и мултимедијален уметник |
Александар „Ацо“ Станковски (Кичево, 26 јануари 1959) — македонски уметник, претставник на македонската алтернативна уметничка сцена. Познат е по постмодернистичкиот и, често, провокативен пристап во своето творештво. Користи колажен метод на компонирање зачинет со иронија, критички осврнувајќи се кон настаните во стварноста.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Александар Станковски е роден во 1959 година во Кичево. Благодарение на татко му, кој аматерски се занимавал со сликарство, Станковски уште од раните години започнал да се интересира и да се занимава со уметност. Првиот стрип го издал на 15-годишна возраст. Во 1980 година, во Домот на ЈНА во Скопје ја имал првата изложба со дела изведени во манирот на раниот и среден барок. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1985 година, во класата на Драгутин Аврамовски.[1][2]
Тој е еден од клучните членови на групата „Зеро“, која се појавила во 1985 година, како своевиден андерграунд одговор на тогашната уметничката сцена етаблирана во социјалистичкиот режим. Почетоците на „Зеро“ може да се бараат на почетокот на 1980-тите, кога седиштето на Ликовната академија се преместило од просториите на средното уметничко училиште во ѕидините на Сули Ан, и кога се појавила пракса помеѓу извесна група студенти - пиење чај по околните чајџилници. Дружењето на младите уметници во чајџилницата Галерија 7 и нивното експериментирање со дроги (хашиш, ЛСД) резултирало со плодна уметничка андерграунд активност, радикална за тоа време. Првиот концептуален перформанс на оваа дружина, кој го организирале Станковски, Конча Пирковска и Перица Георгиев - Пепси во Штип, опфаќал живи жаби и големо количество поликолор. Нешто подоцна, Станковски и штотуку вратениот од САД, Милчо Манчевски во галеријата 25 мај (денешен МКЦ), организираат перформанс инспириран од германскиот концептуалист Јозеф Бојс, насловен Како на жив зајак да му се објасни перформансот на Јозеф Бојс: Како на мртов зајак му се објаснуваат слики. Сепак, за официјално почеток на групата Зеро се смета 1985 година, а нејзино прво институционално појавување било на големата изложба - Гест, експресија, акција организирана од страна на Владимир Величковски во Музејот на Македонија.[2]
Во текот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите, Станковски постојано ги менувал местата на живеење помеѓу Македонија и други земји (Холандија, Германија, САД). Така, на пример, во 1988 година бил на студиски престој во САД (во Њујорк, Чикаго, Сан Франциско). На почетокот на 1990-тите, за време на Заливската војна и почетокот на војната во Југославија, започнала соработката помеѓу Станковски и Никола Гелевски (Пандалф Вулкански) на мега-проектот - стрипот Лабрис, кој сè уште не е целосно објавен.[1][2]
Во текот на 1990-тите, Станковски целосно се развил во мултимедијален уметник. Покрај сликарството, изведувал перформанси, се занимавал со видео и со филм, а објавува и книги и стрипови. Исто така, тој бил водител на неколку радио-емисии на Студентското радио (Неидентификуваното шоу на Калиостро и Кракатау, со Владо Манчевски), Канал 103 (The Drogerash Scientific Degeneric World, со Владо Манчевски, 1996) и националното радио.[2][3][4] Проектот Зеро шлепер, изработен од повторно обединетата група Зеро, ќе биде еден од двата проекта (заедно со Прескок на Жарко Башески) со кои Македонија ќе се претстави на 54. Венециско биенале, една од најпрестижните уметнички манифестации во светот.[5]
Од 2008 година, Станковски е член на Советот на култура при Министерство за култура.[6] Тој е поддржувач и симпатизер на идејата за реизградба на старите објекти во Скопје, односно на проектот Скопје 2014, кој го смета за "неопходен во нашата празна култура, која е на ниво од пред 19 век."[3][7]
Станкоски живее во Скопје, во населбата Автокоманда.
Творештво
[уреди | уреди извор]Заедничка црта за целото творештво на Александар Станковски е неговата поврзаност со културата на андерграундот, каде го добил прекарот Ацо Рембрант. Користи хуморно-гротескен уметнички израз каде се третираат прашањата за религијата, сексуалноста и политиката. Постмодернистичката иронија и самоиронијата се често присутни во неговиот опус.[3][8] Така, на пример, во еден проект, Станковски го користи псевдонимот Шизомир Паранојевич Психотин.
Според Никола Гелевски, негов долгогодишен соработник, во творештвото на Станковски доминираат четири теми: "сликарството сфатено како техника, медиум и како архива на архетипски мотиви; политиката често езотерична, „конспиративна“ и карикатурална; сексот сфатен делумно и како еминентно сликарска тема на истражување на телото и на пријателството."[9] Личноста, пак, на самиот Никола Гелевски, е предмет на изложбата Сновиденијата на Пандалф Вулкански.
Неговото најпопуларно ликовно дело е циклусот Тајни вечери (1990-1991) во кое познатото дело на Леонардо да Винчи е обработено и деконструирано на најразлични начини, како на пример, приказ на Тајната вечера со членовите на Зеро, Дизни верзија, итн. Други познати слики се сликите од циклусот Хитлери, Наци свештеник (од 1992), Масивен напад (2001) и други.[1]
Изложби и перформанси
[уреди | уреди извор]Александар Станковски е главно ликовен уметник. Колажната техника која тој ја употребува опфаќа голем број на сегашни и уметнички правци со кои си „игра“ во презентирањето на своите концепти. Употребува повеќе техники: масло на платно, масло на картон и други техники. Има остварено повеќе самостојни изложби во земјата и во странство:[10]
- Дом на ЈНА, Скопје (1980)
- Дом омладине Будо Томовин, Подгорица (1984)
- Галерија 25 Мај, Скопје (1985)
- Галерија Hronos, Загреб (1986)
- Kunst onder de toren, Бреда, Холандија (1987)
- Hallway Gallery, Peninsula Museum of Art, Монтереј, Калифорнија, САД (1988)
- Bank fur Verschaft Social, Келн, Германија (1989)
- Schoultke Gallery, Келн, Германија (1990)
- Музеј на Град Скопје, Скопје (1997)
- Музеј на Град Скопје, Скопје (2002)
- Пенетрација во ЕУ, перформанс, Press to Exit, Скопје (2005)[11]
- Сновиденијата на Пандалф Вулкански, Културен центар Точка, Скопје (2005/06)[9]
- Ликовен салон на МАНУ, Скопје (2006)[12]
- Скарадности, Куршумли-ан, Скопје (2006) [13]
- Разгледници од транзицијата, Дом на млади, Штип (2007)[14]
- Петолетка, изложба во рамките на манифестацијата Бела Ноќ, КИЦ, Скопје (2007)[15]
- Политиката на телото во сликарството на Александар Станковски, јавен разговор, Културен центар Точка, Скопје (2008)[16]
- Синергија (со Мартин Галевски), Отворено графичко студио, Музеј на Град Скопје (2008)[17]
- Јавна вечера по повод „Тајната вечера“ на Станковски, перформанс, Галерија 7, Скопје (2009)[18]
- Забава, стрип-изложба, Мала Станица, Скопје (2009)[7]
- Нудизам, изложба на акти, Мала Станица, Скопје (2011)[19]
Групни изложби има остварено во Скопје, Виена, Њујорк, Келн, Копенхаген, Франкфурт, Истанбул, Будимпешта, Барселона.[1]
- Театар, изложба, Младински културен центар, Скопје.[20]
Изложбите и перформансите на Станковски често се провокативни и контраверзни. Во своите ликовни дела често употребува еротски мотиви, а неговите перформанси имаат за цел да ја провоцираат публиката, користејќи политички и сексуални алузии. Така на пример, перформансот Пенетрација во ЕУ одржан во 2005 година, силиконскиот пенис во ерекција прикачен на македонското знаме пенетрира помеѓу 12те ѕвезди на знамето на Европската Унија.[21] Во април 2006, Станковски ја отворил групната изложба Континентален појадок, со перформансот 5 кг семки во кој тој на посетителите им делел фишеци семки завиткани во европскиот устав и Рамковниот договор.[22] Неговото дело Од Парламент, Музеј, со кој се претставил пред јавноста во февруари 2007, ја изложува неговата идеја Собранието на Република Македонија да се претвори во национален музеј, бидејќи "онака е претесно за сите потреби на пратениците".[23] Во јули 2010, на Меѓународниот фестивал на современи уметности на островот Гоцо, Малта, две дела на Станковски биле отстранети од изложбата поради обвинувања за порнографија, што предизвикало локалната организација Фронт против цензура да организира протест насловен како Погребен марш на уметноста. Ова се случува за време на зачестени дебати за малтешките закони за цензура.[24]
Стрип и издаваштво
[уреди | уреди извор]Стрип почетоците на Станковски се наоѓаат уште во 1974 година, кога во списанието Млад борец, го објавува стрипот Жена, кој претставува фигуративна декомпозиција на женското тело. По ова објавува неколку мини-стрипови во кои хумористично ги третира историските ликови на: Сократ, Тома Аквински, Жан Буридан, и други анонимни и маргинални ликови.[25]
Стрипот Лабрис претставува најобемно стрип-дело на Станковски. Стрипот е создаден во периодот 1989/91 година, а Никола Гелевски се појавува како автор на текстот. Лабрис има близу 1000 страници цртеж изработен со пенкало, колажни елементи и комплексен, постмодернистички текст. Според Станковски, само текстот на Пандалф Вулкански (така е авторизиран од Никола Гелевски) е во обем на еден голем постмодерен роман. Стрипот ги следи авантурите и медитациите на агентот Наци Коминтерна, гротескна преработка на Мики Маус во еден декадентен и криминоген свет. Ова дело (иако делумно е објавено во последните броеви на Макстрип и во Лифт – списание за стрип на издавачката куќа Темплум), засега сè уште не е целосно објавено. Други стрипови на Станковски се Малцинствата на реалноста, Неидентификувано и други.[3][25] Во 2009 ја издава стрип-книгата со пет новели-стрипови "Забава-/Забава, циркус, Сон-Да, Sometimes you have to say no, Мачорот Фрици и Скипо".[7]
Може да се каже дека стрипот го воведува Станковски во текстуалниот медиум. Има илустрирано повеќе книги, меѓу кои и Тоталитарно огледало (2002) на Фидан Јаќовски, каде теориите на тоталитаризмот се збогатени со околу 200 илустрации на Станковски.[26] Објавува поезија, проза, анализи. Некои негови книги се Фајл:Дрогераш (со Владо Манчевски, 2002, заснована на радио-драмата во Канал 103) и Жена Пејзаж (поезија).
Филм и видео
[уреди | уреди извор]Првото видео дело на Станковски во соавторство со Христо Поп Дучев и Златко Трајковски - Хинки е Closeness (Блискост) (1987), направено во соработка со МТВ.[1][2] Режирал и снимил повеќе видеа и филмови. Филмот Кокино, е направен во продукција на МТВ во периодот 1989/91 година, а како автори се појавуваат и Драган Абјаниќ и Златко Трајковски. Овој 90мин. филм е премиерно прикажан во 1992 година. Потоа, заедно со Жанета Вангели го снимa филмот Ноќник (Nightary), направен во Германија во 1994 година, во продукција на SBS во Франкфурт.[2][3]
Експерименталниот андерграунд филм Маклабас, според авторот, е негов најзначаен филм. По четири години снимање e довршен во 1998 година, а во него настапуваат повеќе андерграунд личности од Скопје. Содржината овде, всушност, претставува визуелно поигрување со жанрот шпионски филмови. Главен протагонист "тајниот агент" Ансаров, кој трага по Зелениот Дијамант, минерал којшто има универзална моќ: Зелениот Дијамант е волшебен минерал кој наводно има благотворна моќ, зависно во чии раце се наоѓа. Во таа своја планирана акција "тајниот агент" наидува на голем број пречки. Главни улоги им припаѓаат на Илија Даскалов, Мирче Доневски и Митко Панов, а споредни улоги имаат: Милчо Манчевски, Жанета Вангели и други.[27]
По него следува Самитот на Шаманите, долгометражен филм (75 мин.) довршен во 2004 година, и првпат прикажан на деветтиот Скопски филмски фестивал во 2006. Филмот, продуциран од Делта Ползер, а поддржан од Министерството за култура, е сниман шест години (на основа на сценарио за краток филм), и ја комбинира филмската камера со експресивни анимации направени од Станковски, а во него глумат и професионални и аматерски глумци. Главните улоги ги играат: Кирил Поп-Христов, Мирче Доневски, Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Игор Џамбазов, Владимир Ендровски, Тони Михајловски и Амернис Нокшиќи, а во него повторно се појавуваат култни личности од скопската алтернативна сцена. Филмот претставува приказна за глумец (Кирил Поп-Христов) кој зема ЛСД, по што патува низ просторот и времето, поминувајќи повеќе историски периоди: од неолитот, преку османлискиот период, до сегашноста.[3][28]
Документарниот филм Magical Mystery Cure е довршен во 2006 година, а ја имал премиерата на крајот на 2007. Всушност, се работи за документарен филм посветен на музичката група Д.Н.О.. Насловот на филмот претставува игра на зборови од Magical Mystery Tour, култниот проект на Битлси.[29]
Станковски има режирано музички спотови за групите Д.Н.О. (Борба, Огледало, Слобода) и La Colonie Volvox (Transversallah).
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 „Станковски, Александар“. Британика Енциклопедиски Речник. Скопје: Топер. 2005.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „Интервју: Александар Станковски“. Посетено на 2010-02-18.[мртва врска]
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 „Живееме во андерграунд држава“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2010-02-16.
- ↑ „Александар Станковски“. Архивирано од изворникот на 2007-11-10. Посетено на 2010-02-16.
- ↑ „"Прескок" и "Зеро шлепер" на Венециското биенале“. Посетено на 2010-02-16.[мртва врска]
- ↑ „LIFESTYLE: Александар Станковски“. Архивирано од изворникот на 2020-12-05. Посетено на 2010-02-16.
- ↑ 7,0 7,1 7,2 „Не е модерно да си уметник со политички став“. Посетено на 2010-02-16.[мртва врска]
- ↑ „Мајсторот и коментарот“. Архивирано од изворникот на 2016-06-07. Посетено на 2010-02-16.
- ↑ 9,0 9,1 „Провокативна изложба на Александар Станковски“. Посетено на 2010-02-16.[мртва врска]
- ↑ „Александар Станковски“. Архивирано од изворникот на 2004-04-09. Посетено на 2010-02-16.
- ↑ „„Пенетрација во ЕУ" на Александар Станковски“. Посетено на 2010-02-17.[мртва врска]
- ↑ „Во ликовниот салон на МАНУ изложба на Александар Станковски“. Посетено на 2010-02-16.
- ↑ „„Скарадности" на Александар Станковски“. Посетено на 2010-02-16.[мртва врска]
- ↑ „Дом на млади“. Архивирано од изворникот на 2011-04-25. Посетено на 2010-02-19.
- ↑ „Естетизирање на „кризата"“. Посетено на 2010-02-18.[мртва врска]
- ↑ „Јавен разговор со Александар Станковски“. Посетено на 2010-02-16.[мртва врска]
- ↑ „„Синергија" - заедничка изложба на Станковски и Галевски“. Посетено на 2010-02-16.
- ↑ „Јавна вечера по повод „Тајната вечера" на Станковски“. Посетено на 2010-02-18.
- ↑ „„Нудизам" на Александар Станковски во „Мала станица"“. Посетено на 2011-11-22.[мртва врска]
- ↑ „Театар - самостојна изложба на Ацо Станкоски во МКЦ“, Дневник, година XXI, број 6288, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 18.
- ↑ „ФИРОМ стоички пенетрира во Европа“. Посетено на 2010-02-18.[мртва врска]
- ↑ „Чкембе-чорба во европски појадок“. Посетено на 2010-02-17.[мртва врска]
- ↑ „Визија за поинаква културна политика за јавните места во градот“. Посетено на 2010-02-17.[мртва врска]
- ↑ „Марш против цензурирањето на Станковски во Малта“. Посетено на 2010-02-17.
- ↑ 25,0 25,1 Стрип-Запис со човечки лик. Скопје: Култура. 2002.
- ↑ „Стрип-изложба на Александар Станковски“. Посетено на 2010-02-16.[мртва врска]
- ↑ „Маклабас во Фросина“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2010-02-17.
- ↑ „Само магијата води до вистината“. Посетено на 2010-02-18.
- ↑ „Премиера на документарниот филм за групата ДНО“. Посетено на 2010-02-18.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Творештво
[уреди | уреди извор]Слики и перформанси
[уреди | уреди извор]- Сновиденијата на Пандалф Вулкански Архивирано на 5 март 2016 г. - Блесок, 46, јануари-февруари 2006
- Галерија со слики Архивирано на 5 март 2016 г. - Блесок, 52, јануари-февруари 2007
- Ацо Станковски ја зготви Тајната, а готвеше и на Јавната вечера - перформанс по повод 20-годишнината од циклусот Тајни вечери
Стрип и издаваштво
[уреди | уреди извор]- „Акт“-Александар Станковски - Монографија актови.
- Табли од стрипот Лабрис Архивирано на 6 август 2010 г. - стрип магазин ЛИФТ, оnline
- Малцинствата на реалноста - целосен стрип
- Неидентификувано - целосен стрип
- Жена Пејзаж Архивирано на 12 февруари 2014 г. - поезија од Александар Станковски, илустрирано од Александар Станковски и Ненад Трифунов - Карамаз
- Виртуелниот уметник Шизомир Паранојевич Психотин за старомакедонските новобогаташи, новомакедонските старобогаташи, политика Архивирано на 4 март 2010 г.
Филм и видео
[уреди | уреди извор]- Д.Н.О. - Борба
- Д.Н.О. - Огледало
- La Colonie Volvox - Transversallah
- F.Y.R.O.M Еxperiment - Гази Баба - музички спот од филмот Маклабас, пее Жанета Вангели
- F.Y.R.O.M Еxperiment - Еквидистанца - музички спот од филмот Маклабас
- Маклабас - краток извадок
- Самит на Шаманите - целосен филм, во осум дела, на Youtube
- Magical Mystery Cure - извадок од филмот
Осврти и критики
[уреди | уреди извор]- Митот се раѓа за да згасне[мртва врска] - осврт на филмот Маклабас, од Георги Василевски, Македонски Информациски Филмски Центар
- Бахтиновите бастарди Архивирано на 12 април 2010 г. - осврт на делото Фајл:Дрогераш, од Роберт Алаѓозовски, 2002
- Сновиденијата на Пандалф Вулкански Архивирано на 10 ноември 2010 г. - осврт на истоимената изложба во КЦ Точка, од Никола Гелевски, Маргина, 70, 2006
- Мајсторот и коментарот Архивирано на 7 јуни 2016 г. - осврт на изложбата во КЦ Точка, од Љубен Пауноски, Блесок, 46, јануари-февруари 2006
- Само магијата води до вистината - осврт на филмот Самит на шаманите од Сунчица Уневска, 12 септември 2006 (објавен онлајн на 29 септември 2008)
- Идеологема и фасцинација Архивирано на 5 март 2016 г. - осврт на делата на Станковски, од Гоце Смилевски, Блесок, 52, јануари-февруари 2007
- Призраците Алка, Ло и Ден - осврт на делата на Станковски, од Пандалф Вулкански, Окно, 17 септември 2009
- ПОЛИТИЧКИ РОКЕНРОЛ: Амнестија на лошиот вкус Архивирано на 4 март 2016 г. - критика на ставовите на Станковски за Скопје 2014, од Вангел Ноневски, Глобус, 144, 9 февруари 2010
Интервјуа
[уреди | уреди извор]- Интервју: Александар Станковски[мртва врска] - интервју за Маргина, 26
- Живееме во андерграунд држава Архивирано на 4 март 2016 г. - интервју за Глобус, 60, 10 јуни 2008
- Александар Станковски - уметник - интервју за BBC Macedonian, 29 октомври 2008
- Удиравме каде што болеше[мртва врска] - интервју со Александар Станковски и Игор Тошевски (членови на Зеро), за Време, 26 декември 2009