Вакаф
Вакаф (арапски: وقف; турски: vakıf) – задолжбина основана според прописите на шеријатското право. Може да се основа во побожни, просветни или хуманитарни цели. Основачот (вакиф) сам ја одредува во задолжбинското писмо (вакафнама) целта на својот вакаф како и управникот (мутевлија). Правото на управување, основачот обично го задржува за себе и своите потомци, или одредува старешина на некое одредено семејство,така што оваа функција е наследна.
Вакафското добро, според шеријатското право, е неотуѓиво и непреносливо. Со текот на времето од се отстапило со издавање на вакафските добра под закуп. На нашите простори вакафи се основани во турско време, почнувајќи од XV век. Најчесто истите се основале за верски и верскопросветни потреби: џамии, мејтефи, мектеби, медреси, библиотеки, установи за вршење обреди на поедини дервишки редови текии. Имало доста случаи кога вакафи се основале и во други цели – градење преноќишта (мусафирхани и карвансараи, кујни за исхрана на патници, сиромаси, ученици и вакафски службеници (имарети), градење на јавни бањи (амами), мостови, саат-кули, водоводи, чешми (шадрвани), градба на болници и гробишта, градење анови, пазари (безистени), занаетчиски работилници и станбени згради. Многу вакафи служеле за потребите на сите жители, без разлика на нивната верска припадност, како конаци, кујни, јавни бањи, водоводи, чешми, мостови, болници, пазари. За време на турското владеење одредени вакафи биле под врховен надзор на државата.
Треба да се спомене дека вакафите во сите исламски земји одиграле важна улога во урбаниот развој бидејќи на ваков начин се изградени скоро сите објекти од јавно значење во поедини населби.
Тесната врска меѓу религијата, моралот и шеријатското право се гледа во тоа што не може да се стори вакаф имот стечен на нечесен начин. Така, во вакаф не може да се дадат работи стекнати со насилство, измама и коцка. Често во повелбите за основање на вакаф (вакафнама) изречно кажува дека добротворот тоа добро „го стекнал на дозволен начин и го издвојува од својот чист имот“.
Поврзано
[уреди | уреди извор]
|