Ерих Фром
Ерих Фром (германски: Erich Fromm; 23 март 1900 - 18 март 1980) — германски психоаналитичар, хуманистички филозоф и демократски социјалист.
Животопис
[уреди | уреди извор]Ерих Фром е роден на 23 март 1900 година, во Франкфурт, во семејство на ортодоксни Евреи. Неговиот дедо и двајцата прадедовци по татко му биле рабини, вујкото на мајка му бил познат проучувач на Талмудот, а татко му Нафтали, трговец со вино, се срамел од својата професија. Сеќавајќи се на своето детство, во една прилика, Фром рекол: „Како дете, ми беше многу чудно што некои луѓе го посветуваат целиот живот на заработувањето пари и ми беше срам кога некој човек во мое присуство би морал да изјави дека е стопанственик.“[1] Оттука, уште во детството се запознал со Стариот завет и со Талмудот, а на возраст од 18 години почнал да се интересира за учењето на Карл Маркс и на Сигмунд Фројд. Во 1918 година ги започнал своите студии по право на Универзитетот во Франкфурт, но за време на летниот семестар во 1919 година се префрлил на Хајделбершкиот универзитет, каде што студирал право и религија, но потоа се префрлил на социологија. На истиот универзитет, во 1922 година докторирал од областа на психологијата. На возраст од 23 години, Фром отворено објавил дека е противник на ционизмот, изјавувајќи дека национализмот е спротивен на хуманизмот. Подоцна, на возраст од 26 години, како симбол на неговото офрлање на јудаизмот, јадел леб на празникот Пасха. Подоцна, Фром објаснил дека ги отфрлил своите верски убедувања затоа што не сакал да учествува во „каква и да било поделба на човечката раса, ни религиозна ни политичка.“[2] Во овој период ја запознал Фрида Рајхман и се оженил со неа. Фрида, која била постара 11 години од него, го запознала со психоанализата и двајцата работеле во една приватна клиника во Хајделберг. По неколку години, нивниот брак пропаднал. Во 1924 година започнал да се занимава со психоанализа, најпрвин во Хајделберг, а потоа и во Минхен, Франкфурт и Берлин, додека во 1926 година почнал да го проучува зен-будизмот. Во 1930 година ја завршил својата психоаналитичка обука на Психоаналитичкиот институт во Берлин, каде работел заедно со истакнатите следбеници на Фројд, како: Ханс Сакс и Теодор Рајк, а истата година бил избран за раководител на социјално-психолошкото одделение на Институтот за социјални истражувања во Франкфурт. Во 1934 година, Фром заминал во Женева, а потоа, во Њујорк, каде се вработил на Универзитетот Колумбија, по покана од психоаналитичарката и феминистката Карен Хорнај со која имал љубовна врска. Во 1938 година го раскинал договорот со Институтот во Франкфурт, во 1943 помогнал во основањето на њујоршкиот оддел на Вашингтонската школа за психијатрија, а во 1945 и на Институтот за психијатрија, психоанализа и психологија „Вилијам Алансон Вајт“. Исто така, Фром работел на Универзитетот Јејл, на Њујоршкиот универзитет, на Новата школа за општествени истражувања, на Колеџот „Бенингтон“ и на Државниот универзитет на Мичиген. За време на животот во Њујорк, Фром имал љубовни врски со Кетрин Данам и Марта Грем, а во 1944 година се оженил со фотографката Хени Гурланд, со која останал во брак во текот на осум години, до нејзината смрт. Потоа, Фром имал поголем број љубовници: некои многу постари, а други помлади од него; некои паметни, а некои згодни, но неговата најголем љубов била Анис Фримен, вдовица на еден адвокат од југот на САД. Фром бил на возраст од педесетина години кога започнал да ѝ се додворува, а љубовта кон неа траела уште 28 години. Во 1949 година, Фром ги напуштил САД и се преселил во Мексико, каде го основал одделението за психоаналитичка обука во рамките на медицинскиот факултет при Националниот универзитет на Мексико. Фром се пензионирал во 1965 година, по што живеел во мексиканскиот град Куернавакаа, а во 1974 година се преселил во Муралто, Швајцарија, каде умрел на 18 март 1980 година, пет дена пред својот осумдесетти роденден.[3][4][5]
Политичка активност
[уреди | уреди извор]Фром бил демократски социјалист според својата идеолошка ориентација и бил противник како на западниот капитализам така и на источниот комунизам, залагајќи се за социјализам со човечки лик. Во средината на 1950-тите станал член на Социјалистичката партија на Америка. Фром бил близок до марксизмот, но неговото толкување на марксизмот не било на линијата на ленинизмот, туку на марксистичкиот хуманизам. Тој дал значителен придонес за запознавањето на западниот свет со хуманистичката димензија на учењето на Карл Маркс, објавувајќи во своето дело „Марксовиот концепт за човекот“ - извадоци од раните трудови на Маркс.
Творештво
[уреди | уреди извор]Благодарение на своето образование од областа на социологијата, Фром го сметал учењето на Зигмунд Фројд тесно и механичко и тврдел дека нештата кои Фројд настојувал да ги објасни со вродените инстинкти, всушност се под влијание на економските, политичките и културните сили. Според Фром, човекот не е збир на нагони ставени под репресија, туку тој е општествено суштество кое учествува во општествената структура. На тој начин, Фром застанал на страната на аналитичките марксисти и на социјалистите, а најмногу бил близок на раните марксистички сфаќања. На почетокот, Фром најмногу пишувал за кривичното право, религијата и моралот, а во раните 1930-ти, истражувањата за патријархалните и матријархалните општества го мотивирале да пишува за татковската и мајчината љубов. По преселбата во САД, веќе во 1940-тите Фром почнал да пишува на англиски јазик, а во тој период се заострила неговата критика на класичната психоанализа. По објавувањето на книгата „Бегство од слободата“ во 1941 година, Фром станал познат со своите хуманистички идеи кои се смеса на јудаизмот, марксизмот, психоанализата, таозимот и зен-будизмот. Во 1950-тите и 1960-тите, тој станал политички активен и ја презел главната улога во антинуклеарните и пацифистичките движења. Така, во 1957 година, Фром помогнал во организирањето на Националниот комитет за здрава јадрена политика, познат како SANE, а кој името го добил по неговата книга „Здраво општество“. Истовремено, Фром одржувал плодни врски со главните личности од областа на психоанализата и на општествените науки, како: Шандор Ференци, Хари Стек Саливен, Дејвид Рисман и Херберт Маркузе.[6][7]
Фром пишувал рационално и со јасен стил, што довело до голема популарност на неговите дела. Тој станал славен со книгата „Бегство од слободата“ (1941) во која го изразува ставот дека современиот човек, поради стравот од слободата, бега во авторитаризам, конформизам и уништување. Според антропологот Маргарет Мид, оваа книга „го премости јазот меѓу економијата и психологијата и покажа дека ниедна теорија која се заснова само врз начинот на кој човекот заработува за живот или само на човечката природа не е доволна.“ Во 1955 година ја објавил книгата „Здраво општество“ во која предлага дека секој поединец, кога ќе се соочи со доминација на технологијата, мора да развие високи етички стандарди, тврдејќи дека „опасноста на иднината е дека луѓето ќе станат роботи“. И оваа книга го привлекла вниманието ширум светот, а Волдо Франк напишал во списанието „Нејшн“: Во оваа книга, тој станува отворено - некои би рекле и страсно - критичар на општеството.“ Во 1956 година се појавила најпозната книга на Фром, „Вештината на сакањето“ во која го изнесол ставот дека љубовта е „единствениот здрав и задоволувачки одговор на проблемот на човечката егзистенција“ и дека таа е „став, ориентација на карактерот која го одредува односот на личноста кон светот како целина, а не кон еден објект на љубовта“. Во ова дело, Фром ја опишал разликата меѓу љубовта кон себе и себичноста, што се смета за еден од неговите најголеми придонеси во психологијата. Други позначајни дела на Фром се: „Мисијата на Сигмунд Фројд“ (1959), „Заборавениот јазик: вовед во разбирањето на соновите, бајките и митовите“ (1951) и „Ќе бидете како Богови: радикално толкување на Стариот завет и неговите традиции“ (1966).[8] Друго познато дело на Фром е книгата „Човек за себе“ (Man for Himself) од 1947 година во која тој расправа за штетноста на етичкиот релативизам за нехуманоста на авторитарната етика која тврди дека главните морални вредности се наоѓаат надвор од човекот, а не во него. Фром го истакнува ставот за почитувањето на одредени апсолутни критериуми на доброто и злото, вредното и безвредното, кои се присутни во сите хуманистички етички системи низ историјата.[9]
Хром е најпознат по својот придонес кон психоанализата на која ѝ пристапил по завршувањето на докторските студии по социологија, т.е. без никакво медицинско образование. Токму тоа имало пресудно влијание врз неговиот однос кон психоанализата, темелно ревидирајќи ги сите нејзини теоретски принципи, така што во неговото учење тешко може да се препознае влијанието на Фројдовите погледи. Негоавта ревизија на психоанализата се нарекува социологистичка, зашто повеќе се бави со општествените отколку со индивидуалните проблеми, иако самиот Фром ја нарекува „хуманистичка психоанализа“. Централен поим во Фромовиот теоретски систем е човечката природа која е универзална. Овој поим е детално разработен во „Здраво општество“, но никулците се појавуваат уште во „Бегство од слободата“. Според Фром, човекот е биолошко суштество, но првенствено е човечко суштество, а тоа значи дека има некои фундаментални потреби кои не се биолошки условени, туку произлегуваат од неговото специфично место во еволуцијата, а такви се следниве потреби: потребата за односи со другите луѓе, потребата за создавање нешто ново, потребата за објаснување и за верување, потребата за вкоренетост и потребата за личен идентитет. Според Фром, овие потреби се изведени од филозофската основа, односно тие се дедуктирани, а потоа нивната универзалност е верификувана во конкретниот историски процес. Оттука, со сфаќањето дека човекот не можеме да го сфатиме ниту во природниот ниту во општествениот, туку само во специфичниот човечки контекст, Фром се издвојува од другите интерпретации на човечкото суштество кои се движат во рамките на биосоцијалната дихотомија. Во психологијата, Фром е најпознат по својата теорија на личноста. Фројдовата типологија и динамика на личноста тој ја заменил со теоријата според која промените на личноста ги следат промените во општествените движења и која, поради тоа, е наречена „социјална“ теорија на личноста. Според Фром, личноста на поединецот е определена од општетсвената и економско-политичка структура така што од анализата на поединецот може да се извлечат заклучоци за целата општествена структура во која живее тој. Тој разликува четири типови на личноста (непродуктивни ориентации на карактерот) низ историјата чија заедничка особина е тоа што изворот на сè поединецот го гледа надвор од себе (господарот, имотот, пазарот итн.), а сето тоа создава незадоволство и потреба за барање нов начин на живот. Остварувањето на човековиот развој Фром го гледа во „продуктивниот карактер“, односно во остварувањето на човековите потенцијали, а тоа се поклопува со идеалиет на хуманистичката етика. Според Фром, ваквиот продуктивен карактер е само делумно остварен во досегашниот историски развој и повеќе претставува визија за иднината.[10]
Како интелектуалец со широк круг на интереси и со познавање на повеќе научни дисциплини, Ерих Фром оставил многу богато творештво чија општа одлика е длабокиот хуманизам и искрената потрага по смислата на животот во современиот свет. Оттука, во весникот „Хералд трибјун“, Џон Долард го нарекол Фром „во исто време, социолог, филозоф, историчар, психоаналитичар, економист и антрополог - и, неизбежно, љубител на човечкиот живот, поет и пророк.“[11] По повод смртта на Фром, во весникот „Њујорк тајмс“ бил објавен некролог во кој Ерл Витенберг, тогашен директор на институтот „Вилијам Алансон Вајт“, го нарекол „голем човек, и по изгледот и по силните идеи“, додека професорката на Универзитетот „Колумбија“, Рут Нанда Аншен, рекла за Фром: „Тој знаеше дека сме фрлени во овој рамнодушен космос... и дека ние не можеме да направиме ништо по тој повод, но сепак, не треба да бидеме замолчени со неубедлива потчинетост“. Најпосле, во својата студија од 1974 година, со наслов „Ерих Фром“, Дон Хаусдорф ја дал следнава оцена на творештвото на Фром: „... тој се обиде да се соочи со нашите морални и интелектуални дилеми и да го разбере човештвото кое делува одлучно да се уништи самото себе. Фромовото дело отсекогаш ја носеше одликата на одбивање да им се покори на помодниот страв на дваесеттиот век и на стилот кој му е пристапен како на образованиот лаик, така и на научниците. Иако некои критичари го осудувале неговиот 'оптимизам', Фром...е еден од оние луѓе кои всушност помагаат да успее демократијата.“[12]
Библиографија
[уреди | уреди извор]Ерих Фром бил исклучително плоден автор. Негови позначајни дела се:[3]
- „Психоанализата и социологијата“ (1928)
- „Догмата за Христос“ (1930)
- „Психоанализата и религијата“ (1930)
- „Ќе бидете како Бог“ (1930)
- „Политиката и психоанализата“ (1931)
- „За методот и задачите на аналитичката социјална психологија“ (1932)
- „Авторитетот и семејството“ (1936)
- „Бегство од слободата” (1941)
- „Човек за себе” (1947)
- „Заборавениот јазик: вовед во разбирањето на соновите, бајките и митовите“ (1951)
- „Здраво општество” (1955)
- „Вештината на сакањето“ (1956)
- „Мисијата на Сигмунд Фројд“ (1959)
- „Зен-будизмот и психоанализата“ (заедно со Д. Т. Сузуки и Ричард де Мартино) (1960)
- „Марксовото сфаќање на човекот“ (1961)
- „Отаде оковите на илузијата: мојата средба со Маркс и Фројд“ (1962)
- „Човековото срце” (1964)
- „Ќе бидете како Богови: радикално толкување на Стариот завет и неговите традиции“ (1966)
- „Револуција на надежта“ (1968)
- „Кризата на психоанализата“ (1970)
- „Анатомија на човековата деструктивност” (1973)
- „Да се има или да се биде?” (1976)
- „Големината и границите на Фројдовите мисли“ (1979)
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Македонска архива на Ерих Фром
- Меѓународно друштво на Ерих Фром Архивирано на 3 април 2013 г.
|
- ↑ Piter Krejmer, „Uvod“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 9.
- ↑ „Upoznajte Eriha Froma“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 180.
- ↑ 3,0 3,1 „Hronologija života i stvaralaštva Eriha Froma“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 187-190.
- ↑ Piter Krejmer, „Uvod“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 9-13.
- ↑ „Upoznajte Eriha Froma“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 179-184.
- ↑ Piter Krejmer, „Uvod“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 10-12.
- ↑ „Upoznajte Eriha Froma“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 182.
- ↑ „Upoznajte Eriha Froma“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 181-183.
- ↑ Ljuba Stojić, „Bekstvo od slobode — kuda_“во: Erih From, Bekstvo od slobode. Beograd: Nolit, 1983, стр. 15.
- ↑ Ljuba Stojić, „Bekstvo od slobode — kuda_“во: Erih From, Bekstvo od slobode. Beograd: Nolit, 1983, стр. 16-21.
- ↑ „Upoznajte Eriha Froma“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 179.
- ↑ „Upoznajte Eriha Froma“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 182-184.
- Родени во 1900 година
- Починати во 1980 година
- Американски Евреи
- Американски филозофи
- Американски психолози
- Американски социолози
- Американски социјалисти
- Американски хуманисти
- Германски Евреи
- Германски филозофи
- Германски психолози
- Германски социолози
- Германски социјалисти
- Германски хуманисти
- Апсолвенти на Хајделбершкиот универзитет
- Луѓе од Франкфурт