Жарко Јакимовски
Жарко Јакимовски (Скопје, 1948) — еден од најзначајните современи македонски уметници. Неговото творештво создавано низ 50-годишната кариера припаѓа на врвното светско сликарско наследство, со вкрстени гени од вечните достигнувања на европското и светското сликарство до средновековните мајстори на фреската од Нерези, Курбиново и Охрид.[1]
Кариера
[уреди | уреди извор]По враќањето од Љубљана каде во 1974 дипломирал на Академијата за ликовни уметности, Јакимовски низ европските уметнички метрополи и македонските манастири го продолжил своето постојано истражување базирано врз искуствата собирани од делата на големите мајстори, во потрага по сопствен израз.[2] Од студиските престои во Холандија, Франција, Германија, Италија, една од клучните улоги во формирањето на неговиот светоглед одиграл Париз; каде, како што раскажува Јакимовски, деновите ги минувал кај делата на Жерико, а вечерите кај оние на Пикасо. Оттука му потекнува метафизичката врска со монументалното дело на Жерико, Сплавот на „Медуза“, на кое подоцна често реферира низ своето творештво.
Изразот на Јакимовски е поврзување меѓу македонската (византиска) традиционална иконографија и европската класика преку барокот, импресионизмот и кубизмот. Самиот ја истакнува клучноста на цртежот во неговиот мисловно-ликовен процес.
Жарко Јакимовски досега реализирал дваесетина самостојни изложби, учествувал на голем број групни изложби, освоил значајни награди. Вбројан е во „Македонската антологија на ликовната уметност“[3] објавена од Музејот на современата уметност (Скопје).
Самостојни изложби
[уреди | уреди извор]Почнувајќи со самостојните изложби во 1976 во Галеријата на тогашната институција Дом на младите „25 мај“ (денешен МКЦ) во Скопје, Жарко Јакимовски имал свои изложби и низ други градови, како во Виена, во Суботица, Југославија (1981 г,), Зрењанин, Охрид, Штутгарт, и други места.
Во 2021 во Музеј на Град Скопје и во 2022 година во Ликовниот салон на МАНУ одржани се негови ретроспективни изложби.
Награди
[уреди | уреди извор]Жарко Јакимовски е добитник на бројни награди, меѓу кои:
- Награда за цртеж „Климент Охридски“, ДЛУМ, Скопје во 1978,
- Награда за сликарство „Лазар Личеноски“, ДЛУМ, Скопје во 1979,
- Откупна награда на VII триенале на југословенски цртеж, Сомбор во 1981,
- Награда за сликарство „Млада генерација 4“, Скопје во 1982,
- Награда за сликарство „Нерешки мајстори“, ДЛУМ, Скопје во 1988,
- Гран при на ДЛУМ на IV зимски салон, Скопје во 1995.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Уметници“. hArt. Посетено на 2024-06-10.
- ↑ Hart.mk
- ↑ „Македонската антологија на ликовната уметност“