Прејди на содржината

Михаел Енде

Од Википедија — слободната енциклопедија

Михаел Андреас Хелмут Енде (германски: Michael Ende; 12 ноември 1929 — 28 август 1995) — германски писател, најпознат по делото „Бескрајна приказна“.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Михаел Енде е роден на 12 ноември 1929 година во Гармиш, Израснал во Минхен, во познатиот кварт Швабинг во кој се собирале боемите, сликарите и писателите. Неговиот татко, Едгар Енде бил познат сликар, еден од првите германски надреалисти кому му било забрането да слика за време на Третиот рајх. Откако завршил театарско училиште, Михаел Енде работел како глумец во неколку провинциски театри при што се обидел и да пишува драмски дела, но никој не ги сакал неговите текстови. Во тој период, Енде дури глумел во минхенската поставка на драмата „Мајката Храброст и нејзините деца“ на Бертолд Брехт, но потоа се откажал од театарската работа.[1]

Енде ја напуштил Германија и се преселил во Италија, каде живеел во околината на Рим,[2] а за своето доброволно прогонство изјавил: „Во кризата на идентитетот низ која минуваме, охрабрува чувството дека тука до вас се наоѓаат две илјади години на западната култура. Во Италија човекот го среќава историскиот континуитет каков што не може да се најде во Германија. Во сите домени, па дури и во јазикот... Во прво време им завидував на Италијанците. Нивниот јазик ми личеше на летечки килим на кој е доволно да се седне и да се замине каде и да било. Сфатив дека германскиот писател секогаш има потреба да тргне од нула и да се бори за одново да го создаде својот јазик. А таа борба, всушност, е многу инспиративна.“[3]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Михаел Енде почнал многу рано да пишува песни и кратки раскази. Во 1960 година, Енде ја објавил својата прва книга за деца, „Копчето Џим и машиновозачот Лукас“ за која подоцна изјавил: „Кога почнав да ја пишувам, не знаев како ќе изгледа следната реченица. Едноставно, се обидов и го пишував она за кое фантазирав во детството кога си играв со мојот прв воз.“ Книгата доживеала огромен тираж, била преведена на повеќе јазици и брзо ја освоила детската публика, иако претходно десетина издавачи го одбиле ракописот. Меѓутоа, таа била примена лошо од книжевната критика. И втората негова книга, „Момо“, постигнала голем успех, но не само кај детската публика, туку и кај повозрасните читатели. Есента 1979 година го објавил своето најпознато дело, „Бескрајна приказна“, кое достигнало тираж од над милион примероци во Германија и било преведено на околу 30 јазици. Во 1984 година, Енде ја објавил книгата „Огледало во огледалото — еден лавиринт“, кое претставува циклус од лабаво поврзани раскази. Покрај прозните дела, Енде објавил и повеќе поетски збирки, а пишувал и драмски творби за театар, за телевизија и за радио, а тој е автор и на либретата за оперитеМомо и крадците на времето“ (премиерно изведена во 1978 година) и „Гоџолори“ (премиерно изведена во 1984 година). [4]

Енде цврсто верува дека фантазијата е најмноќното оружје против варварството, а книжевноста за деца ја смета за последното засолниште на фантазијата. Во таа смисла, тој изјавил: „Во кругот на своите пријатели постојано морав да се правдам.“[5]

  1. Mirjana Popović, „Pogovor“, во: Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 368.
  2. Mirjana Popović, „Pogovor“, во: Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 368.
  3. Mirjana Popović, „Pogovor“, во: Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 371-372.
  4. Mirjana Popović, „Pogovor“, во: Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 367-371.
  5. Mirjana Popović, „Pogovor“, во: Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 368.