Факултет за физичко образование, спорт и здравје
Официјално лого на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје | |
Вид | Државен факултет |
---|---|
Основан | 15 јули 1977 |
Академска припадност | Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ |
Декан | Проф. д-р Влатко Неделковски |
Место | Скопје, Македонија |
www.ffosz.ukim.edu.mk |
Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ) во Скопје е јавна високообразовна установа како единица во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Факултетот врши високообразовна дејност од прв, втор и трет циклус на студии, научноистражувачка, применувачка и високостручна дејност и од научноистражувачкото подрачје општествени науки, во полето кинезиологија како и во сите научни полиња што се во врска со основната дејност на Факултетот.[1]
Историја на факултетот
[уреди | уреди извор]Факултетот е основан на 15.7.1977 година, како Факултетот за физичка култура во Скопје.
Факултетот е основан со Законот за основање на Факултетот за физичка култура (Сл. весник на СРМ бр. 30/77 од 15.7.1977 година), донесен од Собранието на Социјалистичка Република Македонија.
Со одлука на наставно-научниот совет број 0201-869/21од 18.6.2013 година изврешна е промена на називот на Факултетот за физичка култура - Скопје. Новиот пол назив на Факултетот е: Република Македонија, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Факултет за физичко образование спорт и здравје – Скопје“. (Измената е објавена во Универзитетскиот гласник број 278 од 4 февруари 2014 година).[1]
Мисија на факултетот
[уреди | уреди извор]Ценејќи ја 40-годишната традиција на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св.Кирил и Методи” од Скопје, може слободно да кажам дека истата претставува најстара и најреномирана наставно-научна институција во Република Македонија од подрачјето на кинезиологијата. Успешната работа на Факултетот од 40-годишниот период на неговото постоење се темели пред се на извонредните кадровски потенцијали кои успеаја да имплементираат поголем број студиски програми на додипломско, постдипломско и докторско ниво. Во тој контекст главен императив, односно мисија на факултетот претставува:
- Унапредување на квалитетот на образовните услуги;
- Создавање на квалитетни и конкурентни кадри на пазарот на трудот во земјава и странство и
- Подигнување на образовното ниво на целата македонска популација (се разбира пред се од доменот на кинезиологијата).
Студентите се темел за постоењето на секоја високообразовна институција, а во таа смисла и на нашиот Факултет. Како рамноправни членови на Академската заедница, континуирано се трудиме истите да го заземат правото место и значење. Младите колеги, во целост се третираат како вредност во која безрезервно инвестираме труд и знаење. На овој начин сигурни сме дека по нивното дипломирање истите успешно ќе го претставуваат нашиот Факултет во сите сфери на општественото живеење и истите ќе бидат нашите најдобри амбасадори. На крај, би сакалe на сите сегашни и идни студенти да им честитаме за вистинскиот избор на високообразовна институција и им посакуваме успешен академски живот.[2]
Студиски програми
[уреди | уреди извор]Факултетот нуди 2 наставни програми на прв циклус на студии во следните области[3]:
- Физичко и здравствено образование (ФЗО) со времетраење од 4 години.
- На оваа насока студентите може да се запишат редовно или вонредно и по дипломирањето се стекнуваат со 240 ЕКТС кредити.
- По дипломирањето студентите се стекнуваат со титулата „Дипломиран професор по физичко и здравствено образование“.
- Спортски тренери (СТ) со времетраење од 3 години.
- На оваа насока студентите може да се запишат само вонредно и по дипломирањето се стекнуваат со 180 ЕКТС кредити.
- По дипломирањето студентите се стекнуваат со титулата „Дипломиран спортски тренер во избраната област или спорт“. Пример: Дипломиран професор по фудал.
- За оваа насока е потребно студентите да изберат еден спорт или област за изучување.
Примери за насоки или области:
- Спортски тренер по алпинизам и спортско качување;
- Спортски тренер по кондициска подготовка;
- Спортски тренер по фитнес и бодибилдинг;
- Спортски тренер по фудбал;
- Спортски тренер по кошарка;
- Спортски тренер по ракомет итн.
Магистерски студии
[уреди | уреди извор]Факултетот нуди 3 наставни програми на втор циклус на студии во следните области[4]:
- Кинезиологија со времетраење од 1 година (2 семестри) или 2 години (4 семестри).
- Спортски менаџмент со времетраење од 1 година (2 семестри).
- Спортски туризам со времетраење од 1 година (2 семестри).
Докторски студии
[уреди | уреди извор]Факултетот нуди 1 наставнa програмa на трет циклус на студии во следната област[5]:
- Кинезиологија со времетраење од 3 години (6 семестри).
Органи
[уреди | уреди извор]Органи на факултетот се наставно-научен совет, декан и деканатска управа.[6]
Наставно-научен совет (ННС)
[уреди | уреди извор]Наставно-научниот совет е орган на управување и стручен орган на факултетот. Наставно-научниот совет го сочинуваат редовните професори, вонредните професори и доцентите кои се во работен однос на факултетот. Во наставно-научниот совет свои претставници избира и факултетското студентско собрание.[6]
Декан
[уреди | уреди извор]Деканот на факултетот, е раководен орган. Деканот го претставува факултетот, во земјата и странство во согласност со статутот на универзитетот и статутот на факултетот. Вршењето на должноста декан и продекан, е неспојливо со вршење на друга јавна функција или функција во политичка партија.[6]
Функција | Име и презиме | Предмет |
---|---|---|
Декан | Проф. д-р Влатко Неделковски | Ракомет |
Продекан за настава | Проф. д-р Андријана Мисовски | Одбојка |
Продекан за меѓународна соработка и наука | Проф. д-р Небојша Марковски | Фудбал |
Деканатска управа
[уреди | уреди извор]Деканатската управа, е орган на управување на факултетот и може да има најмалку пет, а најмногу 15 члена. Деканатската управа, ја сочинуваат:[6]
- Деканот и продеканите;
- Раководителите на внатрешните наставно-научни организациони единици определени со статутот на факултетот;
- Најмалку еден член избран од факултетското студентско собрание.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 „Универзитетски гласник Бр. 453, 15 октомври 2019“ (PDF).
- ↑ „Мисија – Факултет за физичко образование, спорт и здравје“. Посетено на 2024-09-22.
- ↑ „Наставен план – Прв циклус студии – Факултет за физичко образование, спорт и здравје“. Посетено на 2024-09-22.
- ↑ „Наставен план – Втор циклус студии – Факултет за физичко образование, спорт и здравје“. Посетено на 2024-09-22.
- ↑ „Наставен план – трет циклус студии – Факултет за физичко образование, спорт и здравје“. Посетено на 2024-09-22.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 „ЗАКОН ЗА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ“ (PDF).
- ↑ „Деканат – Факултет за физичко образование, спорт и здравје“. Посетено на 2024-09-22.