Вратница
- Оваа статија се однесува на селото Вратница. За истоимената поранешна општина, видете Општина Вратница
Вратница | |
Панорамски поглед на селото Вратница | |
Координати 42°08′26″N 21°06′51″E / 42.14056° СГШ; 21.11417° ИГД | |
Регион | Полошки |
Општина | Јегуновце |
Население | 364 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1225 |
Повик. бр. | 044 |
Шифра на КО | 28012, 28512 |
Надм. вис. | 700-760 м |
Мреж. место | Вратница |
Вратница на општинската карта Атарот на Вратница во рамките на општината | |
Вратница на Ризницата |
Вратница — село во Општина Јегуновце, во областа Долни Полог, во околината на градот Тетово. До 2004 година, селото претставувало административен центар на поранешната истоимена општина, која била споена со Општина Јегуновце.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Вратница е сместена во областа Полог (Долен Полог), во подножјето на планинскиот врв Љуботен (2.498 м на Шар Планина). Надморската височина се движи од 700-760 м. Во близина на селото се наоѓа и реката Ракита (Раќита), која се влева во Вардар.
Селото се наоѓа на магистралниот пат кој води од градот Тетово до граничниот премин Јажинце на македонско-косовската[2] граница. Од градот Тетово е оддалечено 22 километри и е на само 5 километри од Јажинце.
Порано, селото претставувало општинско средиште на истоимената општина, во која влегувале и селата Јажинце, Рогачево, Старо Село, Беловиште и Орашје, додека денес селото е дел од проширената Општина Јегуновце.
Историја
[уреди | уреди извор]Се верува дека некогашното село Моравце, сместено околу 800 метри северозападно, е претходник на денешното современо село Вратница. Поради притисокот на османлиските власти, жителите на Моравце биле приморани да побараат посигурна област за населбата. Првично се населиле во денешно Косово, но на крајот повторно биле приморани да се вратат назад. По нивното враќање го создале денешното село Вратница, заедно со потомците на првичните иселеници.
Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Тетовската нахија (Нихије-и Калканделен) и имало 66 семејства, 4 неженети и 4 вдовици, сите христијани.[3]
Понова историја
[уреди | уреди извор]Вратница била цел на идејата за Голема Албанија, откога била објавена со Призренската лига во 1878 година. Во текот на Втората светска војна, Вратница на кратко се нашла во територијата на Голема Албанија, создадена од балистите.
Во 1912 година влегува во рамките на Кралството Србија, кадешто е седиште на општина Вратница.[4]
За време на воениот конфликт во Македонија во текот на 2001 година, Вратница била цел на постојани напади и дел од воените борби кои се случиле во текот на конфликтот.
Во текот на постконфликтниот период, селото се нашло под удар на албанските вандали и терористи, кога заедно со селата Старо Село, Беловиште и Рогачево, биле под практична опсада од членови на т.н. Ослободителната Народна Армија. Вратница, како и останатите села, со недели поминала без храна, вода, лекови и медицинска помош. Албанските терористи биле сместени во блиското село Одри, од каде објавиле ултиматум упатен до македонското население за напуштање на своите домови.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Вратница била првпат запишано во османлиските дефтери во XV век. Во првите дефтери, населението изнесувало 59 семејства. Селото било под влијание на миграциски движење во текот на XX век, кога голем број на жители се иселувале во САД.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Вратница живееле 780 жители, сите Македонци.[5] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, во 1905 година во Вратница имало 880 Македонци, патријаршисти.[6]
Во 1914 година има 1045 жители.[7]
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година селото било центар на општина и имало 131 куќа и 1.131 жител, сите Македонци.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 700 Македонци.[9]
Во 1914 година, вкупното население изнесувало 1131 со 131 куќа; во 1948 година, имало 1299 жители и 197 куќи; во 1953 имало 1387 жители и 214 куќи; во 1961, бројот на жители изнесувал 1384 и 227 куќи; во 1968 имало 1240 жители и 225 куќи, а во 1971 година 1082 жители и 266 куќи.
Како и во другите села во Македонија така и во Вратница поради миграциските движења село-град, бројот на жителите се намалил од 1384 жители во 1961 година на 572 жители денес. Во 1994 година селото броело 572 жители, од кои Македонци 522 жители, Срби 33 жители и 17 жители изјаснети како „други“.
На пописот од 2002 година, селото имало 505 жители, од кои 482 Македонци, 20 Срби и 3 останати.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 364 жители, од кои 301 Македонец, 1 Албанец, 10 Срби, 1 останат и 52 лица без податоци.[11]
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[12]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 1.299 |
1953 | 1.103 | — | — | — | — | 272 | ... | 12 | — | 1.387 |
1961 | 1.371 | 1 | — | ... | ... | 8 | ... | 4 | — | 1.384 |
1971 | 1.521 | 2 | — | — | ... | 35 | ... | 20 | — | 1.578 |
1981 | 1.629 | — | — | — | — | 22 | ... | 37 | — | 1.688 |
1991 | 1.678 | — | — | — | — | 72 | — | 86 | — | 1.836 |
1994 | 522 | — | — | — | — | 33 | — | 17 | — | 572 |
2002 | 482 | — | — | — | — | 20 | — | 3 | — | 505 |
2021 | 301 | 1 | — | — | — | 10 | — | 1 | 51 | 364 |
Родови
[уреди | уреди извор]Вратница е македонско село.
Според истражувањата од 1948 година, родови во селото се:
- Староседелци: Костанаќевци (26 к.) живееле во раселеното село Моравци. Кога се распаднало тоа село преминале некаде во Косово (мислат во Коачовци?). Потоа се вратиле во Вратница каде го основале денешното село со останатите староседелски родови. Некои предци од овој род по професија биле ковачи. Имаат иселеници во Ратае (како домазет), Рогачево (како домазет) и во Канада (едно семејство); Степановци (22 к.) живееле во раселеното село Моравци. И они по распадот на старото село преминале некаде во Косово и Горна Морава, па потоа се вратиле назад. Они ги дале првите печалбари за Америка. Имаат иселеници во Јанчиште (Анто и Стојче); Папунџини (11 к.) живееле во раселеното село Моравци. Го знаат следното родословие: Ристо (жив на 72 г. во 1948 година) Димо-Јанко-Анѓеле-Брајко-?. Се верува дека дедото на Брајко бил папуџија. При враќањето во селото, некое време се задржале во селото Копачин Дол, таму еден од браќата се оженил и останал. А другите дошле и го основале селото Вратница. Еден далечен предок од овој род (Јанко) имал 800 овци и 40 коњи. На лето тој времето го поминувал во бачилото на Шар Планина (во месноста Ливадица). На зимо одел во Солун. Еднаш во летниот период завладеал силен ветар, по што цела стока му изумрела. Имаат иселеници во Америка (едно семејство); Крагуљевци (9 к.) гранка се од родот Папунџини. Името го добиле по некој предок Крагуљ. Имаат иселеници во Тетово (две семејства); Машкоќевци (16 к.) живееле во раселеното село Моравци. По пропаста на старото село најпрво се иселиле во селото Камена Глава кај Гнилане во Косово. Но потоа се вратиле во селото. Имаат иселеници во Јегуновце ( Машкоќевци) и во Јанчиште; Дабоќевци (7 к.) живееле во раселеното село Моравци. Имаат иселеници во Бугарија (две семејства) и во Војводина (едно семејство); Василевци (10 к.) живееле во раселеното село Моравци. Имаат иселеници во Подбреѓе (Јовчевци); Коеќевци (24 к.) живееле во раселеното село Моравци. По распадот на старото село се населиле во селото Врбан кај Гнилане во Косово, но потоа се вратиле назад. Имаат иселеници во Тетово (две семејства), Скопје (едно семејство), Белград (едно семејство) и во Бугарија (едно семејство). Од овој род потекнувал универзитетскиот професор од Бугарија, Михаил Арнаудов. Неговиот татко е роден во Вратница; Мојсиќевци (7 к.) живееле во раселеното село Моравци. Имаат иселеници во Шемшево; Станисавлевци (6 к.) живееле во раселеното село Моравци. Се сметаат за основачи на денешното село. Имаат иселеници во Ратае (Станисавлевци); Тодоровци (8 к.). живееле во раселеното село Моравци. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство) и во Белград (едно семејство).
- Доселеници: Длабочанци (8 к.) доселени се од денес албанското село Длабочица кај Качаник (Косово), од таму се доселиле двајца браќа Велко и Ѓуро. Во селото Длабочица се потурчила сестрата на браќата. Па тие потоа ја убиле нивната сестра. И плашејќи се од крвна одмазда избегале. Го знаат следното родословие: Бојо (жив на 73 г. во 1948 година) Мишо-Петре-Ѓуро, кој се доселил во селото; Шишковци (18 к.) потекнуваат од предок кој се доселил од областа Љума во северна Албанија. Основачот на родот овде бил слуга кај родот Степановци. Кај нив се оженил со крива девојка, го примил едниот дел од нивниот имот и така останал; Мажиќевци (3 к.) доселени се од денес албанското село Орашје. Таму живееле три браќа, од кои едниот останал во селото и си ја променил верата и поалбанчил, вториот отишол во селото Старо Село (Краговци), а третиот дошол во селото Вратница; Пејовци (5 к.) доселени се од денес албанското село Нераште. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство), Белград (едно семејство) и во Канада (едно семејство); Даноќевци (8 к.) некои мислат дека се доселени се од некое денес албанско село кај Качаник; Доброќевци (3 к.) некои мислат дека се доселени се од некое денес албанско село кај Качаник; Голомевци (7 к.) доселени се однекаде; Ивановци (1 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Рогачево; Станимир (1 к.) дошол од селото Горно Село, Средска во Косово.[13]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Пошта — испостава на Македонска пошта со број 1225
- ОУ „Симче Настевски“ — централно основно училиште со повеќе подрачни училишта
- Месна заедница „Вратница“
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во рамките на проширената Општина Јегуновце, која во денешните граници настанала по донесувањето на новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Претходно, селото претставувало општинско седиште на поранешната Општина Вратница, кон која припаѓале селата Јажинце, Рогачево, Старо Село, Беловиште и Орашје.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово, додека во периодот по војната од 1955 до 1962 година селото се наоѓа во некогашната општина Теарце, која припаѓала на Тетовската околија.
Во периодот 1952-1955, селото исто така било седиште на тогашната општина Вратница, во која покрај Вратница се наоѓале и селата Беловиште, Јажинце, Нераште, Одри, Орашје, Првце, Рогачево и Старо Село. Самата Општина Вратница била дел од Тетовската околија. Општината Вратница постоела и во периодот 1950-1952 година.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постојат избирачките места бр. 2128 и 2129 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница и основното училиште.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 564 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви
- Црква „Св. Петка“ - Вратница — главната селска црква;
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — гробјанската црква;
- Црква „Св. Константин и Елена“ - Вратница — црква кон Вратничкото Езеро
- Археолошки наоѓалишта
- Реки
- Езера
- Месност
- Сенокос
- Савин Камен — место од културно-историско значење поврзано со Свети Сава
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Во Вратница постои повеќедецениска традиција во одржувањето на следните настани:
- Одбележување на Божиќ (на 6 јануари) во центарот на Вратница.
- Водици (19 јануари) — црковна манифестација во црквата „Св. Петка“ и покрај вратничката река Ракита (Раќита).
- Традиционален првомајски турнир „Вратница“ (1 мај). Ова е најголема спортска манифестација во Полошкиот крај. Турнирот се состои од натпревари во мал фудбал и кошарка (а во минатото и во ракомет).
- Костановден (Св. Константин и Елена), месна слава (3 јуни). Се одбележува во манастирот „Свети цар Константин и царица Елена“ во месноста Честодубје под Вратница.
- Прославување на празникот Илинден (2 август) на Љуботен и покрај Ливадичкото Езеро (на Шар Планина).
Личности
[уреди | уреди извор]Личности родени во Вратница:
- Славко Милосавлевски (28 јануари 1928 - 14 октомври 2012) — македонски социолог, и дисидент од комунизмот;
- Бранко Попов (р. 1940) - македонски научник и редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје;
- Киро Поповски (13 април 1942 - Скопје, 29 октомври 1995) — македонски правник, политичар, основоположник и прв претседател на Социјалистичката партија на Македонија;
- Карл Савиќ — американски професор и историчар, истражувач со голем осврт на Балканот;[16]
- Атанас Крстевски (1903-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Петко Јанчевски (1913-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Симче Настевски (1925-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Стефан Димовски (1904-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Столе Ацевски (1915-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Лена Атанасова — учесник во НОВ на Македонија.
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]- ФК Хајдук (Вратница) — фудбалски клуб
- Бојана — еколошко, научно, стручно, културно-истражувачко друштво[17]
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Вратница е наделеку позната како место кое има многу иселеници. Вратничани може да се сретнат во многу западноевропски земји, но најмногу ги има во САД, поточно во околината на градот Детроит (државата Мичиген). Во 1980-тите години имало над 200 домаќинства со жители од Вратница во областа на Детроит.
Најголем дел од миграциите од селото се случиле по Првата светска војна, кога најголем дел од иселениците биле економски мигранти. По 1924 година, кога се наметнале одредени квоти за иселеници од Источна Европа, многумина Вратничани се одлучиле за иселување во Канада.
Уште еден голем бран на иселување се случил за времето на првите години од Југославија.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Косово е предмет на територијален спор помеѓу Република Србија и Република Косово. Како странски протекторат, Косово прогласило независност на 17 февруари 2008 г, но Србија и понатаму не го признава и тврди дека е нејзина суверена територија. Независноста на Косово не е целосно признаена од меѓународната заедница. Досега го признале 113 од вкупно 193 земји членки на ООН.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.348
- ↑ Речник места у Ослобођеној области Старе Србије. Белград. 1914. стр. 140.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 211.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp.122-123.
- ↑ Речник места у Ослобођеној области Старе Србије. Белград. 1914. стр. 140.
- ↑ Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.22.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Vratnica: History of a Unique Macedonian Village“ (англиски). September 14, 2006. Архивирано од изворникот на 2012-07-17. Посетено на 2012-09-05. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ „Рег. згф. пр 18/2002 година,“ (PDF). Службен весник на Македонија. Посетено на 2010-02-01.[мртва врска]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Вратница“ на Ризницата ? |
- Vratnica.info — вести, статии, информации, слики..
- Сајбер Вратница Архивирано на 1 јануари 2006 г. — портал за селото Вратница
- Вратница на Твитер — Најнови вести од Вратница.
|